Бејл беше најплатен во Ла Лига, а сега во САД ќе игра за – смешни пари!

Велшката ѕвезда Герет Бејл, кој после девет години си замина од Реал Мадрид како слободен играч, беше најплатениот фудбалер во шпанската Ла Лига, со 31 милион евра колку што заработи во последната сезона од „кралевите“, ама во САД каде доаѓа бесплатно во ЛА ФЦ ќе има – смешна плата.

Верувале или не, Бејл во американскиот тим ќе игра за милион долари, што е повеќе од 30 пати помалку од тоа што го заработуваше во „кралскиот клуб“, а во последната сезона буквално за грицкање семки, зашто воопшто и да не играше.

Бејл доаѓа на едногодишен договор со опција да ја продолжи кариерата и по јуни 2023 година, иако многумина не веруваат во тоа, но Американците знаејќи каков однос имаше Велшанецот во последниов период во Реал и кон тренинзите и кон мечевите (освен за Велс со кој ќе игра на СП) му ставиле клаузула дека ќе добие многу повеќе пари за следниот договор врз база на настапите и ефектот во оваа прва година.

Бејл е проценет на богатство од преку 150 милиони евра, пари кои гиз аработи во досегашната кариера. Тој има 106 гола и 67 асистенции во 258 меча за Реал Мадрид, додека за Тотнем пред да дојде во Шпанија за светски рекорден трансфер имаше 72 гола и 60 асистенции во 237 меча.

Бејл во ЛА ФЦ му се придружува на легендарниот италијански стопер Џорџо Кјелини, а во клубот игра и еден Македонец, Дани Мусовски кој е напаѓач и ќе соработува најмногу со Велшанецот, кој е офанзивен лев страничен играч.