Аргентинец треба шест месеци да работи за да го гледа епското финале Ривер–Бока на „Бернабеу“!?

Откако беше донесена одлука епското аргентинско Суперкласико помеѓу Ривер плејт и Бока јуниорс да се одигра на 9 декември од 20.30 часот на мадридскиот фудбалски храм „Сантјаго Бернабеу“, голем отпор по ваквата одлука на конфедерацијата КОНМЕБОЛ има во Аргентина, но и во цела Јужна Америка.

Пресметката која минатиот викенд требаше да се игра на „Монументал“ во реванш финалето за јужноамериканската титула се одложи поради нападот на автобусот со фудбалерите на Бока. И сега од Бока не сакаат да играат, зашто бараат службена титула. Од Ривер, пак, им се игра, ама не надвор од Аргентина и уште помалку во Европа.

Но, КОНМЕБОЛ го закажа мечот, двата клуба се жалат на одлуките на конфедерацијата, а навивачите сега глава ги боли и „плачат“ како да најдат пари за да го гледаат мечот на векот, кој сега и кој знае кога, пак, би се играл во најважното натпреварување. Пресметката на Ривер и Бока, како најголемо градско дерби и дерби број еден во светот во Копа Либертадорес е исто како Барса и Реал Мадрид да играат финале во Лига на шампиони.

Според пресметките на навивачите, Аргентинците, без оглед дали се навивачи на Бока или на Ривер, ќе треба добро да се потрошат. Пресметките покажуваат дека „екскурзијата“ до Европа ќе ги чини од 1.500 до 5.000 евра. Тоа значи дека ќе треба за земат еден потрошувачки кредит од човек, за да може да дојдат на викенд во Мадрид, да гледаат еден фудбалски меч и да си одат во Буенос Аирес.

Според пресметките со најмал трошок и повеќе налик на мигрант, просечен Аргентинец ќе треба да потроши 60.000 пезоси или 1.500 евра за да го гледа мечот. Тоа значи дека на нормален работник ќе му треба два месеци да работи само за да дојде до шпанската престолнина за мечот на векот, додека за тие што работат на минималец, ќе им требаат шест месеци за да ги заработат овие пари.

Но, навивачки оддел на приврзаници на Ривер во Шпанија веќе им посочиле на своите колеги од Буенос Аирес дека треба да си подготват 5.000 евра за авантурата Суперкласико во Мадрид. Пред се, затоа што авионските билети ќе поскапуваат, а и нема толку авиони, колку што има интерес за мечот, па ќе мора да се најдат алтернативни дестинации за да се стигне до шпанската престолнина. Тоа значи и до 2.500 евра за пат, плус трошоци, сместувања, „карневал два дена“. Па севкупно, во препораката стои – планирајте 5.000 евра.

„Ривер изгуби, Бока изгуби, државата ја изгуби шансата. Ги изгубивме навивачите, исчезна илузијата и ентузијазмот“, пишува весникот „Оле“.

Но, проблемот е што, засега никој од навивачките здруженија не знае и нема информации како ќе се продаваат билети, кои интересно на црниот пазар во Мадрид ќе стигнат до вртоглави цени.

„Очекувајте дека билетите ќе бидат уште поскапи. Ние ќе бидеме ваша амбасада, но нема да можеме на секого да му помогнеме“, стои во дописот од шпанската пења на аргентинска емиграција на Пиринеите кои навиваат за Ривер. „Се надеваме дека насилниците нема да дојдат и овојпат, зашто многу жалиме што тие инциденти не го донесоа спектаклот на 'Монументал'“, се вели во нивното образложение.

Светската јавност сега се сомнева дека поради сето ова, а со образложение дека нема услови да се игра безбеден меч со публика во Аргентина, поради големиот влог со јужноамериканската титула, зад ова преместување се крие обид за голем профит. Пред се тука се агенциите кои ќе посредуваат за доаѓање на меч, интересот на КОНМЕБОЛ, но и на Флорентино Перез, чии фирми имаат големи врски со Јужна Америка...

„Ова е тотално лудило. Колку пари ми требаат за целото семејство да го однесам да гледа Ривер – Бока во Мадрид? Ова е се масло на претседателот Маурицио Макри! Ние сме овци што му верувавме и го гласавме за претседател. Тотално идиотско е решението за Суперкласико во Мадрид. Кој е тој Алехандро Домингез, претседател на КОНМЕБОЛ?“, вели Диего Марадона, аргентинската легенда

И да е целиот хаос уште поголем, од преку 80-илјадниот капацитет на „Бернабеу“, половина од билетите ќе бидат во слободна продажба. Околу 20 илјади ќе бидат билети за аргентинците, ако сакаат да ги купат, по 5.000 ќе добијат навивачите на двата аргентински великани, а околу 4.000 билети ќе бидат корпоративни влезници, чија цена најчесто е преку 1.000 евра. Сооглед дека се игра на европско тло, тоа значи дека билетите во споредба со аргентинските цени за овој меч ќе бидат најмалку двојно поскапи. Едноставно - чист бизнис

„Ова е како да сме го забраниле тангото! Си го уништиваме фудбалот. Не сакам насилство, ама не може да го 'украдете' дербито Ривер-Бока“, коментира еден навивач.

Првиот меч помеѓу Бока и Ривер на „Бомбоњера“ заврши без победник 2-2. Ривер требаше да биде домаќин на реваншот во епскиот меч, кој не се одигра, поради одмаздата на озогласените барас-бравас, чиј водач бил фатен во рација со 300 билети и многу пари од полицијата во Буенос Аирес. Наместо да се слави фудбалот, Буенос Аирес поради хулиганите го изгуби своето големо дерби и тоа за најважниот меч, кој сега мора да се игра на друг континент.