Аргентина со седум гола се загреа за најтажната забава (ВИДЕО)

Аргентина забележа убедлива победа од 7-0 против Буркина Фасо во пријателски натпревар кој привлече внимание и поради необичните околности под кои се одигра.

Светскиот шампион од 2022 година уште од самиот почеток воспостави целосна доминација и практично го реши прашањето на победникот уште во првото полувреме. Лаутаро Мартинез погоди во третата минута, а само пет минути подоцна следуваше автогол на Мумуни Диало.

Во 12. минута Џанлука Престиани зголеми на 3-0, додека до паузата Нико Паз и Хулијан Алварез постигнаа уште два гола во краток период, па Аргентина замина на одмор со огромна предност од 5-0. Во второто полувреме „гаучосите“ продолжија во ист ритам. Франко Мастантуоно погоди во 57. минута, а конечниот резултат го постави Џулиано Симеоне во судиското продолжение.

Аргентина целосно доминираше во текот на натпреварот, додека Буркина Фасо имаше само 25 проценти посед на топката и успеа да упати само еден удар во рамките на голот.

Дополнителна тежина на резултатот му даваат околностите во кои гостите пристигнаа во Буенос Аирес. Поради логистички и финансиски несогласувања, првотимците на Буркина Фасо одбија да патуваат, па африканската селекција настапи со состав до 23 години. Тимот пристигнал во Аргентина само шест часа пред почетокот на натпреварот, по 11-часовен лет од Казабланка.

За Аргентина ова беше подготовка за уште еден посебен натпревар. Следен противник ќе биде Бенин, во мечот на кој Лионел Меси треба да го одигра својот последен натпревар за националниот тим на стадионот „Монументал“ во Буенос Аирес.