Апсолутна рекордерка во фудбалот: Бразилка која има седум СП, сега стигна и до седмите ЛОИ!

Бразилската фудбалерка Формиџа која денеска играше на отворањето на женскиот фудбалски турнир на ЛОИ во Токио влезе во историјата на Олимписките игри, откако за неа ова беа седми ЛОИ во кариерата почнувајќи од Игрите во Атланта во 1996 година.

Формиџа стана првата бразилска спортистка која има најмалку седум настапи на ЛОИ, а само 31 спортист во историјата на Олимписките игри, почнувајќи од 1896 година до сега, имале седум или повеќе настапи, а апсолутен рекордер со десет ЛОИ е Канаѓанецот Јан Милер.

Формиџа е апсолутна рекордерка во фудбалот, зашто пред две години на СП во 2019 година настапи на седмиот Мундијал во кариерата, па сега со седмиот настап на ЛОИ на фудбалскито турнир и нема рамен во било која конкуренција, дали е машка или женска. Плус е рекордерка по број на репрезентативни настапи – 200 (1 декември 2020).

Бразил денеска ја победи Кина со 5-0 во првото коло на фудбалскиот турнир.