Андоновски ги одведе Американките до полуфинале во Токио 2020

Женската фудбалска репрезентација на САД, која од клупата е предводена од Македонецот Влатко Андоновски, се пласираше во полуфиналето на Олимписките игри во Токио откак  ја совлада Холандија на пенали. 

Во драматичен и неизвесен натпревар, Американките се покажаа како подобри пеналџии. Во регуларниот дел натпреварот заврши 2-2, со тоа што Холанѓанките не реализираа пенал во 81.минута, односно Наехер го одбрани ударот на Мартенс.

По дополнителните 30 минути игра немаше голови, а во пенал-серијата, Американките славеа со 4-2 за место во полуфиналето. Таму ќе играат со селекцијата на Канада, која денеска на пенали го елиминираше Бразил, откако по 120 минути игра немаше голови.

Второто полуфинале е Шведска против Австралија. Швеѓанките со 3-1 беа подобри од домаќинот Јапонија, додека Австралија славеше со 4-3 во продолженијата против Велика Британија.