Ако се прошири СП во Катар со 48 тима, фудбал ќе се гледа – 12 часа секој ден!?

Првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино најави дека го разгледуваат предлогот од јужноамериканската конфедерација (КОНМЕБОЛ) за проширување на СП во Катар од 32 екипи на 48 екипи, нешто што првично беше планирано за Мундијалот во 2026 година.

Инфантино најави дека шансите за вакво проширување, четири години порано се многу мали, но дека ФИФА се труди да направи такво нешто, во согласност и со организаторот, но проблем е кратиот период на одржување на фудбалскиот фестивал од само 28 дена (21 ноември – 18 декември).

Според пресметките, дневно треба да се одиграат по шест меча за да се постигне бројката од 80 мечеви со 48 екипи на турнирот, со тоа што најзгуснато ќе биде во групната фаза, а во тие нецели месец дена ќе треба да има и денови за одмор помеѓу елиминациските рунди. Сепак, ако се случи такво нешто, фудбалските фанатици ќе бидат заковани за телевизор, зошто ако има по шест меча дневно, тоа би значело најмалку 12 часа фудбал без престан.

„Ќе биде многу, многу тешко да се изведе ова со 48 екипи во Катар.Треба да видиме како целиот распоред би го пополниле, зошто 48 екипи во толку малку денови, тешко е да се најдат тремини. Сè ќе зависи и од екипите кои би играле, па какво влијание ќе имаат мечевите на распоредот, на ТВ-гледаноста. Не е идеално, можеби ќе треба да се играат мечеви во исто време... Тешко изводливо е, ама ние се трудиме да најдеме начин. Ако успееме тоа би било фантастично“, вели Инфантино.