Зајков се враќа во А-репрезентацијата откако не доби повик за мартовските баражи

Македонскиот централен дефанзивец Ѓоко Зајков, моментно фудбалер на заем од украинска Ворскла во софиска Славија повторно ќе биде дел од македонската репрезентација, откако селекторот Благоја Милевски не го повика за мартовските мундијалски баражи.

Зајков во март не се најде на списокот зашто не беше во натпреварувачки ритам, најмногу поради фактот што почна војната во Украина, а првенството експресно се прекина и дури подоцна најде нов клуб за да ја продолжи кариерата.

Сега Зајков повторно се враќа во А-селекцијата во која Дарко Велковски и Висар Муслиу се ударниот дефанзивен тандем пред голот на Столе Димитриевски, а Никола Серафимов е третиот стопер кој постојано добива повици, но сѐ уште нема официјално деби. Кире Ристевски е четвртиот стопер кој веќе со години е стандарден на списокот во македонската репрезентација.

Зајков откако дојде во Славија има шест настапи, даде еден гол, но и два автогола и неговиот заем завршува со завршувањето на сезонава, по што тој повторно ќе е член на Ворскла, но засега неговата иднина останува отворена зашто допрва треба да биде познато дали ќе се игра украинското првенство во друга земја, но и дали украинските клубови практично ќе ги ослободат сите странци бидејќи нема најава за крај на војната. Тоа што е сигурно дека Славија нема да се обиде да го задржи Зајков.

Македонија од 2 до 12 јуни ја очекуваат четири пресметки во третата сезона во Лигата на нации, а првиот меч е гостувањето во Бугарија во Разград, а црвено-жолтите ги очекува и два меча со Гибралтар (дома-гости) и еден со Грузија (дома).