Велкоски: Да освоиме бодови за трето место!

Македонската фудбалска репрезентација кога веќе ги загуби шансите за директен пласман на Евро 2020, посакува со два добри резултати во последните два меча во овој евроквалификациски циклус да остане на третото место и со тоа да го запише најдобриот пласман во едни квалификации.

Црвено-жолтите се подготвуваат за гостувањето во Виена кај фаворизираната Австрија, а три дена подоцна и за пресметката со Израел дома во обид да освојат доволно бодови со кои ќе останат на третото место на кое моментно се со 11 бода во овој циклус, исто колку и Словенија и Израел после осум кола.

„Овие два меча ќе бидат навистина тешки, ни недостигаат неолку фудбалери, но сепак мислам дека имаме квалитет да се обидеме да освоиме што е можно повеќе бодови за да останеме на третото место во групата. Австрија е прв наш предизвик, станува збор за квалитетна селекција, одиграа одлични мечеви, но наше е да се потрудиме да одиграме на високо ниво и силно да им се спротивставиме. Ритамот сигурно ќе биде на максимум, ама и покрај отсуството на неколкумина, подготвени сме физички за тој предизвик“, вели капитенот на Сарајево, Крсте Велкоски.

Фудбалерот од нападот посочува дека добрите резултати не само што би биле добредојдени за освојување на тоа трето место, туку и за задржвањето на позитивната атмосфера пред мартовскиот бараж во кој Македонија ќе се обиде да стигне до историски пласман на едно континентално првенство.

„Со добар резултат на овие два меча да ја завршиме атмосферата за тоа што нè чека во март и мечот за пласман на Евро 2020“, вели Велкоски.