Украина без Зинченко, со низа ѕвезди и најскапиот Мудрик доаѓа во Скопје (ФОТО)

Првиот противник на Македонија во јунскиот термин од овој евроквалификациски состав, Украина, која допрва ќе го промовира легендарниот Сергеј Ребров за селектор, го објави списокот од 27 фудбалери кои се повикани за три меча, подготвителниот со Германија на 12 јуни, па гостувањето во Скопје на 16 и мечот со Малта на 19 истиот месец.

Украина ја предводи најскапиот фудбалер на оваа земја, Михајло Мудрик, кој за вкупни 100 милиони евра од Шахтер се пресели во Челси, но не импресионира во првата сезона во синиот дрес. За Мудрик ова е второ гостување во Скопје, зашто ја предводеше и младата репрезентација на Украина во минатиот евроквалификациски циклус против Македонија за играчи до 21 година (1-1).

На списокот на Украина покрај Мудрик, тука се големите ѕвезди како Андриј Јармоленко (Ал Аин, ОАЕ), Виталиј Миколенко (Евертон, Англија), Руслан Малиновски (Марсеј, Франција), Виктор Циганков (Жирона, Шпанија) и Роман Јаремчук (Бриж, Белгија), но ја нема арсеналовата ѕвезда Олександр Зинченко, кој е повреден според последните информации.

Изненадувачку го нема и Данило Сикан, фудбалерот на Шахтер и најдобриот украински фудбалер на последниот Мундијал за млади во 2019 година кога Украина стана светски првак, а од таа генерација во селекцијата сега се само голманот Андреј Лунин од Реал Мадрид и дефанзивецот Валери Бондар од Шахтер.

Украина во март одигра еден меч и загуби од лидерот во „групата на смртта“ Англија со 0-2, кога Макеоднија по едно одиграно коло победи еднаш, на отворањето на циклусот со Малта со 2-1. Последен пат Македонија и Украина играа на Еуро 2020 во Букурешт, кога загубивме со 1-2. По мечот со Украина, Македонија ја чека гостување на „Олд Трафорд“ кај Англија.