Тричковски дефинитивно отпадна, Ангеловски нема да повика друг напаѓач

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски и дефинитивно отпадна од списокот за претстојните мечеви на фудбалската репрезентација против Лихтенштајн в сабота од 20.45 часот во Скопје и со Ерменија во вторник од 18 часот, поради повредата која ја здоби викендов во меч за својата АЕК Ларнака.

Тричковски има повреда на бутниот мускул од прв степен и нема да може да им помогне на соиграчите во националниот тим, откако ги направил лекарските прегледи, по што била констатирана повредата и пауза од десетина дена. Вчера селекторот Игор Ангеловски објави дека Тричковски се повреди и дека се чекаат резултатите, но по дефинитивното откажување, сега за овој фудбалер нема да има замена, па Ангеловски со расположливите сили ќе брка победи во следните два претстојни мечеви.

Популарниот Тричко беше еден од фудбалерите што се во најдобра форма во моментов, минатиот четврток даде гол и во Лига Европа и досега десетпати се запиша во листата на стрелци сезонава. Тој беше стрелец на првиот гол за Македонија во Лигата на нации.