Трајковски: Ќе бидеме пријатно изненадување на Евро 2021!

Македонија минатиот месец напиша фудбалска историја откако во Тбилиси оваа генерација предводена од Горан Пандев успеа да обезбеди настап на Европското првенство догодина низ Европа, па Александар Трајковски, фудбалерот на Мајорка верува дека црвено-жолтите имаат квалитет да бидат – убаво изненадување на шампионатот.

Македонија точно 26 години од првиот квалификациски меч во историјата чекаше и на крај дочека да се најде на најголемиот континентален фудбалски фестивал, како 35-та земја која ќе игра на еврошампионатот. Успехот во Тбилиси ја турна нацијата во екстаза во оваа корона-криза, па сега без оглед што до настапот на ЕП дојдовме по полесниот пат преку Лигата на наци, Трајковски е убеден дека ќе се прикажеме во најдобро светло.

„Имаме голем квалитет! Верувам дека ќе бидеме убаво изненадување на претстојното ЕП“, вели Трајковски.

Посочува дека е горд што е дел од генерацијата која напиша историја, посочувајќи како и секој македонски репрезентативец, дека не може да се опише чувството после еден таков успех, како на 12 ноември годинава.

„Неописливо чувство е пласманот на ЕП. Сон на секој фудбалер е да игра и да биде дел на едно така големо натпреварување. Драго ми е што сум дел од генерацијата која за првпат во историјата успеа да ја одведе на едно Европско првенство. Горд сум што успеавме да го усреќиме нашиот народ“, додава Трајковски.