Играчите и навивачите на Фиорентина денеска се збогуваат од нивниот капитен Давиде Астори, а минималната победа над Беневенто помина комплетно во негов знак.

Тага и многу солзи го наполнија денеска „Артемио Франки“ до последното место, каде денешното попладне му беше посветено на трагично загинатиот Астори кој доживеа срцев удар во сон пред една недела во Удине, на 32-годишна возраст.

Сите фудбалери на денешниот меч со Беневенто истрчаа во дресови со број 13 и презимето Астори, па така единствениот гол на мечот го постигна Витор Уго, но носеше дрес на Астори.

На стадионот доминираа транспаренти со пораки за починатиот сопруг, татко, пријател, соиграч, сакан играч, а ги виореа играчите и навивачите...

„Постојат луѓе кои никогаш не умираат, постојат приказни кои се вечни. Среќен пат, Капитену“, гласеше највпечатливиот.

Пред натпреварот, наместо минута молчење, почит му одадоа неговиот омилен кантавтор, Италијанецот Дале, а натпреварот беше прекинат во 13-та минута кога беше поздравен со огромен аплауз.