Симулација за Македонија: Настап на Еуро 2024 е невозможен, четврто место - реалност! (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација ја очекува стартот на новиот циклус, евроквалификациите за пласман на Еуро 2024 во Германија, но фактот дека се најдовме во „групата на смртта“ со великаните Италија и Англија, плус секогаш силната Украина ја прави мисијата на црвено-жолтите скоро невозможна.

Пред почеток на новиот циклус, статистичари кои редовно ги предвидуваат и ги пресметуваат коефициентите за ФИФА-ранг листата, направиле симулација за тоа кои селекции преку овој евроквалификациски циклус ќе одат директно на ЕП. И нормално, Македонија е со ептен минимални шанси. Математички – нецели два отсто.

Според симулацијата за претстојниот евроквалификациски циклус, а направени се 10.000 симулации на сите групите, шансата Македонија да биде прва е само 0,29 отсто, додека да биде втора е 1,68 отсто. Првите две места во групата носат директен пласман на ЕП, а барем на почеток за такво нешто сме обележани како – аутсајдери.

Дури и за трето место, да бидеме пред Украина, не ни се даваат на почеток многу шанси. Поголем е процентот да завршиме последни (12 отсто), одошто да бидеме трети (10 отсто), па сега на селекторот Благоја Милевски и на фудбалерите е сите овие симулации, пресметки и статистики, врз база на многу показатели, а пред сѐ и од последниот циклус во Лигата на нации кој ни беше неуспешен, е да го демантираат. Најреално е според ваквите проекции да останеме на позоција од која тргнуваме – четврто место.

Националниот тим денеска од 17 часот во хотелот „Хилтон“ ќе се собере и вечерва ќе има еден тренинг, но утре треба да се комплетира. Црвено-жолтите тргнуваат во евроквалификациите со домашен меч против најслабата селекција на хартија во групата Малта во четврток (20.45 часот) во Скопје, а дербито на групата се игра на Чизмата, реприза на финалето од последното Еуро 2020, Италија – Англија. Во второто коло на 26 март, кога ние сме слободни, играат Малта – Италија и Англија – Украина.

За Македонија шансата за настап на ЕП е само преку овие квалификации, зашто поради преслабиот настап во Лигата на нации, баражот преку Ц-дивизијата веќе ни избега.