
Шестмина не играа на контролките, па тројцата „туристи“ на Европско веќе се – познати?
Селекторот Игор Ангеловски за Европското првенство на кое за осум дена ќе дебитираме против Австрија (13 јуни) избра 26 играчи кои ќе ги поведе во вторник во Букурешт на историскиот прв настап на големата сцена, а од овие избраници на официјалната листа ќе треба да се најдат 23 фудбалери од кои трите голмани, додека останатите тројца ќе бидат безмалку „туристи“, односно на стенд-бај за „не дај боже“.
И според тоа кој колку доби минути на двете контролки во оваа работна седмица во која против Словенија во 97-та минута останавме без триумф (1-1), а вчера го распарчивме Казахстан (4-0), веќе се надѕира конечниот список од 23-ца со кои Ангеловски ќе игра во групата Ц.
„Имаме време до ден пред првиот меч да решиме, ќе видиме“, рече Ангеловски уште пред мечот со Казахстан.
Но, од тоа што искористи како потенцијал во овие два теста, вкупно шестмина од 26-те не добија шанса да одиграат ни минута, а од нив двајца се голмани. Првиот што не играше е еден од многу важните алки, Енис Барди (Леванте, Шпанија), кој поради изолацијата и позитивниот тест на коронавирус го спречи да биде дел од овој тренинг-камп за Европско. Тројца кои можеа да играат, а не добија шанса се Марјан Радески (Академија Пандев), Влатко Стојановски (Ним/Шамбли, Франција) и Ѓоко Зајков (Шарлоа, Белгија). Дамјан Шишковски и Ристе Јанков се во сенка на Димитриевски, но овие двајца секако ќе мора да се во официјалниот протокол.
Според тоа што Ангеловски го има на располагање, а искористи на тестовите, логично е Зајков, Радески и Стојановски да „ одат на трибини“ на ЕП, но сепак можеби еден од нив би можел да се најде на списокот од 23-ца, поради неизвесноста со Барди и неговиот позитивен тест и покрај тоа што излезе од изолација. Според правилата на УЕФА, фудбалер кој е на Б-листата може да влезе во основниот протокол, но тој што ќе излезе потоа нема враќање – останува турист.
Е, сега бидејќи ситуацијата со Барди е крајно неизвесна, а сѐ ќе зависи од негативен тест на ковид-19, без оглед што му заврши изолацијата и може индивидуално да тренира, не е исклучена опцијата, при најлошо сценарио „да се одолговлечи негативизирањето на тестот“, за Австрија да биде на Б-листа, па потоа некој друг од составот да излета од него и Барди да влезе меѓу 23-цата и практично да си се врати во првиот тим.
„Нема тренер кој би се откажал од Барди. Јас го молам Господ само да добие негативен тест“, рече Ангеловски вчера после мечот со Казахстан.
Ако сѐ биде во ред со Барди, тогаш распоредот на сили за официјалниот протокол и Б-листата, барем според тоа што го видовме на тестовите е веќе јасен, сепак, последната е на Игор Ангеловски и неговото решение кој ќе биде пријавен на официјалната листа, а кој оди на Б-листата на резерви-туристи, но според тоа што јавноста го виде, веројатно и селекторот полека нема дилеми за сето тоа.
Бидејќи и двата теста ги одигравме во омилената формација 3-5-2, која го донесе пласманот на ЕП, а и епската победа со Германија, јасно е дека Ангеловски со истата ќе игра и на ЕП и практично нема многу да менува од стандардниот тим, а во моментов единствената неизвесност е само Барди.
МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА (1-1)
стрелец: Елиф Елмас 55. минута
СТАРТЕН ТИМ: Димитриевски – Бејтулаи, Велковски, Муслиу – С. Ристовски, Николов, Адеми, Алиоски – Елмас – Пандев, Трајковски
ЗАМЕНИ: Костадинов од 58. минута (наместо Николов), Тричковски од 58 минута (на место Трајковски), Аврамовски од 70 минута (наместо Пандев), Ристевски од 70 минута (наместо Бејтулаи), Хасани од 82 минута (наместо Елмас), Чурлинов од 82 минута (наместо Адеми)
НЕИСКОРИСТЕНИ ЗАМЕНИ: Шишковски, Јанков, Радески, М. Ристовски, Стојановски, Велкоски
НЕ БЕА НИ ВО КОНКУРЕНЦИЈА: Зајков, Барди, Спировски
МАКЕДОНИЈА – КАЗАХСТАН (4-0)
стрелци: Алиоски 35 п., Тричковски 57, М. Ристовски 73, Чурлинов 76
СТАРТЕН ТИМ: Димитриевски – С. Ристовски, Муслиу, Ристевски – Николов, Костадинов, Спировски, Алиоски – Елмас – Тричковски, Пандев
ЗАМЕНИ: Аврамовски од 62 минута (наместо Пандев), М. Ристовски од 62 минута (наместо Тричковски), Трајковски од 73 минута (наместо Елмас), Чурлинов од 73 минута (наместо Костадинов), Бејтулаи од 81 минута (наместо С. Ристовски), Велкоски од 81 минута (наместо Николов).
НЕИСКОРИСТЕНИ ЗАМЕНИ: Шишковски, Јанков, Адеми, Велковски (двајцата поштедени), Радески, Стојановски
НЕ БЕА НИ ВО КОНКУРЕНЦИЈА: Зајков, Хасани, Барди
СОСТАВ ПО МИНУТИ
ГОЛМАНИ: Димитриевски (180), Шишковски (0), Јанков (0)
ОДБРАНА: С. Ристовски (171), Муслиу (180), Бејтулаи (79), Ристевски (110), Алиоски (180), Велковски (90), Зајков (0)
СТРЕДЕН РЕД: Елмас (155), Адеми (82), Николов (139), Спировски (90), Костадинов (105), Аврамовски (48), Хасани (8), Барди (0 – коронавирус), Радески (0)
НАПАД: Пандев (132), Трајковски (75), Тричковски (94), Чурлинов (25), М. Ристовски (28), Велковски (9), Стојановски (0).