Сањол: Македонија беше подобра во некои аспекти, но најважно е што ние – славиме!

Француската легенда на клупата на Грузија, Вили Сањол посочи дека најважно од сѐ после победата со 2-0 против Македонија е заверката на првото место и баражот за Еуро 2024 во Германија.

Сањол призна дека Македонија во некои аспекти била подобра, но најважното од сѐ за Грузија е пласманот во баражот.

„Македонија е добар тим и можеби во некои аспекти и нѐ победија, ама главна цел беше да славиме и тоа го остваривме. Славиме напредок и пласман во баражот, а тој напредок го постигнавме во овие шест-осум месеци. Далеку е баражот за Европско, рано е да говориме за тоа. Не ни беше планот да ѝ ја дадеме топката на Македонија, која играше со друга тактика од претходните мечеви и ни требаше време за да фатиме ритам. Имавме и притисок зашто бевме близу до првото место, но после првиот гол сѐ беше полесно“, рече Сањол

Тој посочи дека фудбалот не е шах и понекогаш нема логика.

„Во фудбалот секогаш стартувате со некоја тактика, ама мора да се прилагодувате и да менувате. Не е ова шах, не е логичен меч како него, така да во одредени периоди противникот може да е подобар и на терен и тактички. Сепак, првиот гол нас ни го направи мечот полесен“, додаде Сањол.