Регионот ни се восхитува: Македонците направија чудо во Гент (ФОТО)

Ремито на македонската фудбалска селекција синоќа против Белгија (0-0), една од најдобрите светски репрезентации, предизвика еуфорија во цела држава, но и воодушевување во регионот.

Речиси да немаше медиуми од соседството и од просторот на поранешна СФР Југославија што немаше текст напишан во суперлативи за играта на момците на Благоја Милевски на гостински терен во Гент. Изненадување, сензација, чудо се дел од зборовите кои се користеа за да се опише настапот на жолто-црвените, со дополнување дека Македонија уште е прва во квалификациската група со се уште реален сон за пласман на СП 2026.

„Македонците изненадувачки останаа непоразени на гостувањето кај Белгија (0:0) во квалификациите за Светското првенство. Белгијците беа голем фаворит, но не успеаја да постигнат ниту еден гол против гостите кои чудесно се одбранија. Домаќинот имаше многу силен состав, со Кевин Де Брујн, Жереми Доку, Лоис Опенда, Леандро Тросард, но тоа не им помогна да победат во овој натпревар. Македонија, благодарение на овој бод, остана на првата позиција во квалификациската група Ј со 12 бода, еден повеќе од Белгија и два повеќе од Велс“, пишува еден од српските медиуми.

Македонските фудбалери денеска се враќаат дома, каде што веднаш ќе продолжат со подготовките за следниот квалификациски дуел – задутре (понеделник) на домашен терен против Казахстан.