Сега се гледа какви проблеми ни прави примениот гол од Велс во 96. минута

Македонската фудбалска репрезентација и натаму е на добар пат да обезбеди директен пласман на Светското првенство, но во финишот од квалификациите, сепак ништо не зависи од неа.

Иако е на првото место на табелата, предност има Белгија затоа што заостанува еден бод, а има натпревар помалку и со евентуални три победи ќе биде првопласирана на крајот. Истото важи и за Велс кој идниот месец ќе не пречека во можеби клучниот меч за првото или за второто место во групата.

Многу поинакви ќе беа работите ако во март во Скопје го победевме Велс за што имавме огромна шанса. До 96. минута, Македонија имаше водство од 1-0 со голот на Миовски, но Брукс тогаш ни ја скрати радоста со погодок кој можеби ќе биде клучен во борбата за првото место на табелата бидејќи со него Велшаните ни откинаа два бода.

Да победеше тогаш, македонската репрезентација сега ќе имаше 14 бода и речиси сигурно ќе имаше второ место на табелата кое обезбедува полесен ривал во баражот, а ќе беше и со добри шанси да ја освои првата позиција. Белгија во таков случај ќе беше со 11, а Велс со само девет бода пред нивниот меѓусебен дуел в понеделник во Кардиф. Вака на Македонија ѝ се потребни максимални шест бода во последните два меча (Казахстан дома и Велс на гости) со тоа што Белгија треба да изгуби од Велс в понеделник.