„Гаучосите“ минимално подобри од Венецуела, победа со пресврт за Чиле (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Аргентина ја продолжи победничката низа и по обезбедениот пласман на СП 2026, совладувајќи ја Венецуела со минимални 1-0 на пријателски натпревар одигран во Флорида – домот на Лионел Меси.

Стрелец на единствениот гол беше Ло Селсо во 30. минута, со што светскиот првак ја потврди својата форма и без присуството на капитенот Меси, кој поради повреда не беше во составот. „Гаучосите“ целосно го контролираа мечот со речиси 70-отсто посед на топката и 11 обиди кон противничкиот гол, но реализираа само една од можностите.

Во другите пријателски средби на јужноамериканските селекции, Чиле направи пресврт и со головите на Дијас и Гутиерез славеше против Перу (2-1), кој претходно поведе преку Инга. Во меѓувреме, Канада загуби дома од Австралија (0-1), а дуелот меѓу САД и Еквадор заврши без победник.