Прв проблем за Ангеловски: Тричковски се повреди!

Македонската фудбалска репрезентација ќе биде сериозно ослабена со неиграњето на крилото Иван Тричковски, кој во моментов е во најдобра форма од македонските репрезентативци со десет гола во досегашниот дел од сезоната.

Тричковски се повреди викендов за својата АЕК Ларнака, откако во четвртокот даде гол во Лига Европа против Баер Леверкузен, па сега се очекуваат лекарските прегледи за да се дознае степенот на повреда и периодот на рехабилитација, но многу веројатно е дека нема да може да биде во конкуренција за настап за претстојните два меча со Лихтенштај в сабота и со Ерменија идниот вторник. Тричковски има повреда на адукторот.

Тричковски беше стрелец на првиот гол во овој циклус во новоформираното натпреварување Лига на нации, откако погоди во Гибралар на гостувањето во воведниот меч.

Повредата на Тричковски е втор проблем за селекторот Игор Ангеловски откако во четвртокот го објави списокот, откако од првичниот избор отпадна и стоперот Дарко Велковски од Риека и него го замени Ѓоко Зајков.