Просинечки пред потпис - станува селектор на Бугарија?!

Роберт Просинечки е фаворит за селекторското место во бугарската фудбалска репрезентација, а преговорите се одржале во петокот, објави „Јутарњи лист“.

По заминувањето на Александар Димитров и именувањето на Атанас Рибарски за привремено решение, јасно е дека Бугарите од следната година ќе мора да најдат нов предводник. Според пишувањата на „Јутарњи лист“, претседателот на Бугарската фудбалска федерација, Георги Иванов, го контактирал Просинечки веднаш по поразот на неговата репрезентација од Исланд и го поканил во Софија на разговори.

Просинечки има богато искуство во водењето национални тимови, откако претходно ги предводеше Азербејџан, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Киргистан. Исто така тој беше и помошник-тренер во хрватската репрезентација, а ги водеше и Црвена звезда, турските клубови Кајзериспор и Денизлиспор, словенечка Олимпија и хрватски Рудеш.

Како фудбалер ги бранеше боите на: Динамо Загреб, Црвена звезда, Реал Мадрид, Барселона и Севиља.

Според најавите до среда ќе биде познато дали Просинечки ќе ја преземе Бугарија, а меѓу останатите кандидати се Бразилецот Силвињо, Србинот Александар Јанковиќ и Романецот Едуард Јорданеску.