Тотнем ужасно ја почна сезоната, а по дуелот со Јунајтед цел тим ќе лета за - Марбеља!

Менаџерот на Тотнем, Роберто Де Зерби, испланирал тимско патување во Марбeља, Шпанија, со цел да ја подобри атмосферата во соблекувалната и да ја унапреди играта на лондонскиот клуб, објави „Би-Би-Си“.

Според информациите, Тотнем ќе отпатува во Шпанија по денешното гостување кај Манчестер Јунајтед oд 18:30 на „Олд Трафорд“. Бидејќи следниот натпревар го очекува дури по девет дена, стручниот штаб смета дека ова е добра можност за дополнителна работа со тимот.

Планирано е „петлите“ во Марбеља да се подготвуваат за претстојниот дуел против Ковентри, но патувањето ќе има и поширока цел. Де Зерби сака играчите подобро да се запознаат меѓусебно, да ја зајакнат тимската поврзаност и да изградат подобра соработка на теренот.

Во Тотнем се надеваат дека ваквиот пристап ќе помогне во создавањето покомпактна екипа, која ќе може полесно да ги спроведува замислите на италијанскиот стратег.

Патувањето во Шпанија, покрај подготовката за следниот предизвик, треба да послужи и како можност новиот состав да добие поголема меѓусебна доверба и да работи на подобрување на колективната игра.

Инаку, во овој момент лондонскиот клуб е последен на табелата и по пет кола има само два бода.