Хаос во Ла Лига: Навивачи го прекинаа мечот меѓу Рајо и Атлетик Билбао (ВИДЕО)

Натпреварот меѓу Рајо Ваљекано и Атлетик Билбао во осмото коло од шпанската Ла Лига беше прекинат поради протестите на домашните навивачи, кои почнаа да фрлаат предмети на теренот и побараа заминување на претседателот на клубот, Раул Мартин Преса.

Хаосот почна во 13. минута кога поддржувачите на Рајо Ваљекано почнаа да фрлаат хартиени авиони, пластични топчиња и други предмети на теренот, па судијата мораше да ја прекине средбата, а фудбалерите да се повлечат од теренот додека траеше обидот за смирување на ситуацијата.

Протестите се насочени кон претседателот на клубот, затоа што навивачите не се задоволни од неговото управување на тимот и лошата состојба на стадионот „Ваљекас“.

Натпреварот и дефинитивно беше прекинат, кога навивачите не ги послушаа предупредувањата дека дуелот нема да продолжи ако не престанат со фрлање на предмети.