Пандев: Можеби ова се моите последни мечеви, сонот го остваривме, одиме по историја!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев кој задутре од 18 часот на Националната Арена во Букурешт, капитенски ќе ја поведе нашата селекција на историското деби на големата сцена емотивно ѝ се обрати на целата македонска нација посочувајќи дека оваа генерација е најсветото нешто во македонскиот фудбал.

Пандев во обраќањето до нацијата посочи дека дојде денот за деби на големото натпреварување, но меѓу редови најави и пензија, посочувајќи дека ова можеби се последните негови мечеви во националниот дрес, кој веќе го носи две децении

„Дојде и тој ден кога почнува Европското првенство. Денот кој го сонував долго време низ мојата кариера, Македонија да игра на едно вакво големо натпреварување. Моќеби ова се последните мои мечеви за македонската репрезентација и сакам како капитен да ѝ се обратам на целата нација.

Оваа генерација е најсветото нешто на македонскиот фудбал, ова е генерацијата што ја обедини цела МАкедонија. Горд сум на секој момент и на секоја капка пот пролеана во светиот дрес. Сонот го испишавме, одиме да испишеме историја.

Бидете со нас и навивајте за Македонија!“, објави Пандев.