Николов: Едвај чекам да дојде март – живеам за тој ден да играме на Европско!

Бобан Николов, фудбалерот на унгарски Мол Фехевар вечерва го реши Израел со погодокот пред судискиот свиреж за полувреме, па неговиот гол донесе триумф против Израел, по кој Македонија заврши како третопласирана во евроквалификациите.

Николов посочи дека третото место е успех, но дека постои и разочарување зашто Македонија можела да стигне и до втората позиција и пласман на Евро 2020, па потенцира дека едвај чека да дојде март за клучните баражи за пласман на континенталниот собир.

„Успех е третото место, но разочарани сме, зашто како што реков и пред мечот, можевме и заслужувавме да стигнеме до тоа второ место и директен пласман. Но, тоа е што е. Сега оваа победа ни дава малку крила и самодоверба за во март. Не чекаат четири месеци до тој меч, но верувајте живеам за тој ден, сонувам да играме на Европско и едвај чекам да дојдат баражите. Најбитно е да бидат сите здрави и живи, да немаме вакви проблеми (со повреди – н.з.), зашто секој фудбалер е битен во овој тим. Со играта покажавме дека го заслуживме третото место, но некои ситници и мали детали како мечевите со Полска и Австрија дома ја решија групата. Ајде, 30 години Македонија не била на трето место, ние сме сега први што стигнавме тука...“, рече Бобан Николов.