„Ни треба бод за прво место, ама дојдовме во Ереван да победиме!“

Македонската фудбалска репрезентација од денеска е во Ереван, максимално расположена по третата победа во низа во Лигата на нации и шесте бода предност пред ривалите, благодарение на Гибралтар кој испиша историја и направи голема сензација вчера во ерменската престолнина.

Ерменија загуби со 0-1, па сега со тотално лоша атмосфера и само со теоретски шанси за да успее да го освои првото место ја дочекува Македонија, а нашите фудбалери со суператмосфера најавуваат дека одат и на четврта победа во низа, иако и бод е во игра за првото место во групата.

„Имаме одлична атмосфера во тимот, посебно после победата над Лихтенштајн и добрите резултати што ги постигнуваме во серија. Нам ни треба само бод, но во Ереван дојдовме за да победиме”, вели Ферхан Хасани, кој беше стартер против Лихтенштајн и повторно е во националниот тим, откако не конкурираше за првите два меча на стартот на Лигата на нации.

Македонија веќе го одржа првиот тренинг, фудбалерите се максимално расположени, полни со мотиви и што е најважно сите се добри, откако неколкумина во изминативе три дена ги нападна стомачен вирус. Денеска екипата која играше со Лихтенштајн имаше рекуперација, а останатите полн тренинг. Утре Македонија ќе тренира последен пат пред заутрешниот меч од 18 часот.

„Тука сме за да одиграме најдобро што можеме, Ерменија не е така наивна репрезентација и не треба да не залажува нивниот пораз од Гибралтар. Верувам дека ќе бидеме во ниво и дека ќе ја продолжиме добрата серија”, вели десниот бек Стефан Ристовски, кој против Лихтенштајн влезе како резерва, а беше еден од играчите кои ги закачи стомачниот вирус.