Несторовски: Не е важно дали ќе дадеме еден или седум гола - само да победиме!

Македонската фудбалска репрезентација засилено се подготвува пред продолжението на предизвикот во Лигата на нации и остварувањето на целта освојување на првото место во групата Д во Д-дивизијата за пласман во плејофот за Евро 2020, па Лихтенштајн в сабота е прв предизвик за црвено-жолтите.

 

По две победи во минатите мундијалски квалификации со вкупни 7-0, Македонија е апсолутен фаворит против аутсајдерот за да ја продолжи победничката серија, а еден од тие од кого се очекуваат голови за новиот трумф.

„Не чека еден натпревар со репрезентација против која сме фаворити. Фаворити сме, знаеме што ќе ни значи да победиме во тој меч. Сакаме успех пред гостувањето во Ерменија“, вели Несто-гол.

Напаѓачот на италијански Палермо даде три гола на последните три меча за сицилијанскиот тим, па добрата голгетерска форма е еден од адутите на селекторот Игор Ангеловски за да се запише третиот триумф во групата

„Играм во добра форма и се надевам дека ќе продолжам со головите и во репрезентацијата. За националниот тим имам застанато со головите. Знаеме дека сме фаворити, но најважно е да се победи. Без разлика дали ќе биде со 1-0 или 7-0, важно е да се триумфира. Ако победиме на наредните два меча, ќе го обезбедиме првото место во групата“, додава Несторовски.