Надежите во Русија ќе се обидат да останат во игра за четвртото место во групата

Младата македонска фудбалска репрезентација денеска од 18 часот во Тула ќе се обиде да ѝ го загорчи животот на Русија во трката на „зборнаја“ за второто место во евроквалификациската група во обид да стигне до баражот за пласман на Евро 2019 во Италија, во претпоследното коло од овој циклус.

Со само четири бода на контото, Македонија теоретски може да биде четврта, но за такво нешто потребно е најмалку реми, победа над Гибралтар во последното коло, но и пораз на Ерменија од веќе пласираната Србија во Нови Сад за четири дена. Црвено-жолтите одамна ги загубија сите шанси за висок пласман, па ја сменија генерацијата и сега подмладени и со нов лик ќе се обидат да најават подобри денови за најнадежната селекција.

Русија е апсолутен фаворит на мечот, но притисокот над противникот, треба да биде предност за избраниците на селекторот Добринко Илиевски – Пижон, за да се изборат за добар резултат и да најават многу подобри денови за младата селекција. Македонија во минатиот месец наивно загуби три бода (еден во Србија и два со Ерменија во Скопје), па сега овој тим треба да покаже напредок најмалку во однос на поправањето на тие грешки кои скапо се плаќаат на мечевите.

„Русија е фаворит, се борат за место на Европското првенсто, а ние нема што да загубиме. Во тимот има одлична атмосфера, немавме спортска среќа на последните два натпревари против Србија и Ерменија и се надевам дека тоа сега ќе се смени. Квалитетни сме, веруваме во нашите можности, добро се подготвивме и целта е да се надигруваме со Русија, па да се обидеме на освоиме бодови“, вели еден од најталентираните македонски фудбалери Димитар Митровски.

Македонија во моментов има четири бода од осум меча, четири помалку од Ерменија, а бод повеќе од Гибралтар. На врвот Србија е веќе пласирана со максимални 24 бода од осум меча, Австрија е втора со 18 бода, а Русија трета со 16. На дното е Гибралтар со три бода и тоа по нивната историска победа пред една година против Македонија.

Судија на денешниот меч е Норвжанецот Кристофер Хагнес со помошниците Реидар Гундерсен и Геир Исаксен. Македонија во првиот меч во Скопје загуби од Русија со 2-3 и тоа со гол примен во судиското надополнување.