Надежите на Цапар ја победија Финска, ама на пенали!

Младата македонска фудбалска селекција ја победи Финска, но после изведување на пенали, откако попладнево ремизираше 1-1 во регуларниот дел, па Марио Алчевски, младиот голман на Академија Пандев со два одбранети удари од белата точка, ни донесе победа во рулетот со 5-4.

Надежите на Драги Канатларовски – Цапар го одиграа четвртото реми од серијата од пет меча без победа и четврти пат 1-1 после трите во серија со Саудиска Арабија, Кипар и Србија, пред дебаклот со Летонија пред три дена со 0-3, а само слабата концентрација на Финците во завршницата од акциите послебно во последните 20 минути, кога направија неколку добри шанси, нѐ спасија од нов пораз.

Македонија денеска поведе со гол на Берат Калкан, фудбалерот на Касимпаша од пенал во 32-та минута откако Марио Илиевски беше фаулиран во шеснаесетникот, но брзо по стартот на вториот дел Натан Скита (Одензе) израмни, изненадувајќи го Марио Алчевски со шут на поблискиот дирек, во акцијата во која повторно дефанзивната линија ни беше раштимана.

Во пет минути после 70-та, Финска направи три одлични шанси, но изостана за наша среќа завршницата, а Македонија беше подредена и Финците го диктираа темпото, ама на крај сѐ безуспешно, па во пенал-серијата, иако отворивме со промашување во првата серија на Марио Илиевски, голманот Алчевски одбрани два пенали во втората и шестата серија, а Христијан Малески, Виктор Крстевски, Иван Николов, Бехар Фета и Фетаи Фета реализираа за триумф по изведувањето од белата точка.

Следен меч на Македонија во овој циклус од три е против Словачка, домаќинот на следното Еуро 2025 за фудбалери до 21 година во вторник.