На половина пат: Македонија е најдобра во Д-дивизијата во Лига на нации (ФОТО)

На половина пат од трката во Д-дивизијата во Лигата на нации за првото место и местата во плејофот, Македонија по три одиграни рунди е најдобра по скорот со гол повеќе од Грузија, лидерот во групата А во овој сегмент, откако само овие две селекции се со максимален ефект од три триумфи.

Македонија синоќа го победи Лихтенштајн со 4-1, а по големиот кикс на Ерменија, практично со една нога е во плејофот за пласман на Евро 2020. Но, за да стигне до континенталниот собир, ќе мора да помине низ сито и решето, без оглед што на почеток вака изгледа се лесно и рутински.

Македонија во моментов ќе се бори за да ја „освои“ Д-дивизијата во Лига на нации, што само на најдобриот по вкупниот скор ќе му донесе место во четвртиот барабан во квалификациите за Евро 2020, чија ждрепка е на 2 декември во Даблин. Местото во четвртиот барабан е значајно затоа што Македонија ќе добие еден или два противници послаби од себе, што значи дека може да ги го одбрани рејтингот и како една од најдобрите, за март 2020 во плејоф-рундата да биде домаќин на завршната разврска за местото кое води на континенталниот собир.

Моментно главен ривал за освојување на Лига на нации е Грузија, која како и Македонија има девет бода, но нема примено гол. Има гол-разлика 6-0 и само за гол е покуса од црвено-жолтите, кои со 8-1 и плус седум сега се лидери. Како стојат работите Грузија сигурно е еден од противниците во плејофот, затоа што останатите ривали на оваа селекција веќе заостануваат по седум бода (Казахстан, Летонија и Андора имаат по два бода).

Во моментов Белорусија и Косово со по седум бода се на лидерската позиција во останатите две групи. Во групата Б, Белорусите водат со бод повеќе од Луксембург, а со шанси за прво место е и Молдавија, која има четири бода. Во групата Ц, пак, Косово води со два бода повеќе од Азербејџан и помеѓу овие две селекции веројатно ќе се бара победникот на групата и нашиот можен противник во плејофот, зошто Фарски Острови со три бода тешко може да се надеваат на прво место, но ќе бидат „нагазна мина“ за ривалите до крајот.

Македонија со девет бода во групата Д, има шест повеќе од ривалите Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар, па во вторник гостува во Ерманија и победа ќе значи заверено прво место и една мака помалку. За во последните два меча со нови рутински победи кај Лихтенштајн на гости и со Гибралтар дома да се запечати првото место од 16-те учесници и место во четвртиот шешир за ждрепката.