На Македонија ќе ѝ суди Израелец, кој им донесе среќа на надежите пред една година

Македонија утревечер од 20.45 часот ќе го дочека Лихтенштајн во третото коло во групата Д во Д-дивизијата од Лигата на нации, меч на кој црвено-жолтите ќе се борат за третата победа во низа, а судија на мечот ќе биде малку познатиот Рои Рајншрајбер од Израел.

Рајншрајбер сепак за Македонија е добро познат. Не дека судел на некој од мечевите на сениорската репрезентација, или пак на клубовите на европска сцена, колку што е познат дека ја делеше правдата пред неполна година во квалификациите на најнадежната селекција до 19 години, која направи голем успех со пласманот во елитната фаза. Македонија тогаш успеа да ги победи фаворизираните Швајцарија и Белгија во првиот филтер од квалификациите, а против Лихтенштајн да биде и една од најдобрите селекции според ефектот во тој прв циклус во ноември лани.

Израелскиот арбитар го судеше првиот меч и на него досуди пенал по еден час игра, кој Јани Атанасов тогаш го реализираше за комплетен пресврт од 2-1, откако претходно Филип Трајановски погоди за израмнување по водството на Швајцарците пред полувремето. По таа победа, Македонија со пресврт ја победи и Белгија, а на крај и Лихтенштајн, па обезбеди елитни квалификации во кои успеаа да ја победат Англија со 2-0, но загубија од Летонија и од Унгарија. Во оваа селекција, која беше преполна со таленти ја предводеше Вујадин Станојковиќ со Елиф Елмас, Дарко Чурлинов, Димитар Митровски, Јани Атанасов, Михаел Маневски...

Дуелот на Националната Арена „Филип Втори“, Рајншрајбер ќе го води со помошниците Дани Красиков и Давид Елијас Битон, како и со дополнителните арбитри зад головите Орел Гринфелд и Зив Адлер. Четврти судија, исто така е Израелец – Амихај Јехошуа Мозез.

За разлика од претхоните два меча, на кои судиите беа анонимуси без поголемо искуство, Израелецот има далеку поголемо педигре, зошто судел квалификациски мечеви во ЛШ и во Лига Европа во изминатите две години.