
„На Лајпциг му недостасуваше фудбалер како Елиф Елмас!“
Без разлика што тој сезонава и немаше преголема минутажа во дресот на италијанскиот шампион, оценките се едногласни дека интернационалецот од Македонија ќе му биде и тоа како од голема помош на составот на Ред Бул. Со тоа се согласува и тренерот Марко Росе.
„Добиваме фудбалер каков што му недостига во моментов на Лајпциг. Имаме многу добри играчи кои знаат како со топката, но немаме некој конкретен фудбалер кој знае добро да одигра 'еден на еден' и кој може истовремено да игра на крилните позиции и во средниот ред“, изјави Росе.
Според синоќешните информации од таборот на Елмас, тој за отштета од 25 милиони евра ќе го напушти Наполи и на стартот од следната година ќе потпише договор со Лајпциг со важност до 2028 година.