
„Жално е да се прими гол во последните секунди, но тоа мора да нѐ мотивира!“
Македонија поведе во 91. минута преку Бојан Миовски, но Велс израмни буквално во последните секунди од натпреварот. Стрелец на голот за гостите беше Брукс, кој со среќен погодок ја смести топката зад грбот на Димитриевски и ѝ донесе бод на својата селекција. По натпреварот, Миовски ја анализираше играта, истакнувајќи дека Македонија добро се носела со противник чиј тим претежно се состои од фудбалери од Премиер лигата.
„Примивме гол во последните десет секунди од средбата, тоа може и мора да нѐ мотивира како селекција. Болно е и жално да се прими гол во моментите пред крајот. Играме против репрезентација од која најголем дел од фудбалерите играат во Премиер лига, поради што бевме трпеливи, бевме поставени одлично и си ја чекавме шансата. Се боревме, таа шанса ни дојде во вистински момент, ама кога помисливме дека сѐ е готово, играчи како оние во Велс веднаш ќе те казнат“, изјави Миовски.
Следниот предизвик за Македонија е натпреварот против Белгија, кој ќе се одигра на 6 јуни во Скопје.