Милевски: Политиката на страна, ја повикувам публиката да биде фер и коректна

По поразот во Тбилиси од Грузија со 2-0 на Македонија и е потребна победа за да ја врати самодовербата и колку толку да го ублажи неуспехот во ова издание на Лигата на нации. 

Против Бугарија утре во Скопје би ни било доволно и бод за да го осигураме 2.место во групата, но тоа нормално не го задоволува селекторот Благоја Милевски. Победата е приоритет за македонската фудбалска репрезентација. 

„Промени дали ќе има не би говорел. Очекувам како и на секој натпревар да се потрудиме да победиме. Што ќе донесе играта ќе видиме. Момците се спремни да покажат дека незаслужено загубивме во Тбилиси“, вели селекторот. 

Нашиот источен сосед сега е предводен од нов селектор во името на Младен Крстајиќ, па тоа може да е мал проблем за Македонија со оглед дека нема многу материјал за анализа на играта на ривалот. 

„Што се однесува до Бугарија, ја анализиравме, но со многу проблеми. Тие имаат нов селектор и многу нови играчи, а тоа е непознаница. Сепак, ние мора да се концентрираме на нашата игра. Со оглед на тоа што тројца од првиот меч се тука, а особено и младите играчи кои првпат се тука, поседуваат квалитет, јас гледам на тоа како противникот функционира како тим. Ни претставува мал проблем, бидејќи немаме многу материјал за анализа, но коцентрацијата и фокусот на нашата работа не се сведува само на кратки патеки. Имаме стратегија, тоа е создавање на тим кој ќе биде конкурентен во наредните 4-5 години. Здравствениот билтен ќе биде појасен по денешниот тренинг кој претстои. Што се однесува до теренот, тој не е во многу добра состојба. На мое барање стадионот 30 дена не се користеше“, коментира Милевски.

Селекторот како и пред првиот дуел во Разград, така и сега потенцираше дека политиката не го интересира. Побара и публиката утре на „Тодор Проески“ да биде фер и коректна кон ривалот. 

„Да бидеме јасни, политиката е на страна, ние сме спортски работници и нè интересира само тоа. Мора да најдеме начин да победиме на теренот. Јас по дуелот во Бугарија се заблагодарив на домаќинот за дочекот, а од наша страна ќе биде вратено тоа тука. Нè интересира само спортскиот аспект. Цврсто сум убеден во мојот личен став и на федерацијата дека гледаме само на спортот. Во Бугарија немаше свирежи на нашата химна. И јас ја повикувам публиката да биде фер и коректна“. заврши Милевски.