Македонија во Лига на нации идниот месец можно е да игра на – неутрален терен?!

Македонската фудбалска репрезентација, како и четирите европретставници во летните квалификации, можно е својот старт од Лигата на нации во втората сезона идниот месец да го има на неутрален терен, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) не ја отфрла таквата опција после денешниот состанок со генералните секретари на 55-те членки на европската централа.

Во соопштението на УЕФА после состанокот со генералните секретари се разговарало за септемврискиот старт на Лигата на нации, а пред се тешкотиите со кои репрезентациите ќе се соочат поради различните ограничувања во патувањата и мерките со карантин при влез во одредени земји. Во случајот со Македонија, за нас постои забрана за влез во ЕУ во моментов, но и кај другите земји кои не се дел од ЕУ има различни рестрикции за влез на македонски државјани, а слично е со скоро сите земји на Стариот континент, па УЕФА од таа причина во разговорот посочила дека ниту една опција не е исклучена, но дека засега нема конкретен правец како ќе се развива ситуацијата.

„Се разговараше и за септемврискиот интернационален 'прозорец' и беа истакнати тешкотиите со кои репрезентациите ќе треба да се соочат со истите ограничувања. Потребна е тесна соработка помеѓу сите тимови и УЕФА за да се обезбеди редовно одржување на сите натпревари. Во оваа фаза не се исклучува ни можноста за играње на неутрален терен“, објави УЕФА. 

На еден месец до стартот на новата сезона во Лигата на нации, Македонија во септември треба да игра со Ерменија (15 часот) во Скопје на 5 септември, а потоа на 8 септември да ѝ гостува на Грузија во овој двоен термин идниот месец.

Но, сериозен проблем за Македонија во моментов е како поголем дел од репрезентативците ќе допатуваат (најверојатно преку соседните земји), но уште поголем проблем е како ќе се вратат и како секоја држава ќе ги третира по враќањето (самоизолација, карантини, тестови...), а сето тоа може да направи сериозни проблеми кај клубовите во пресрет на стартот на новата сезона.

Македонија на 8 октомври треба да го игра историскиот бараж со Косово за пласман на Евро 2020 (полуфинале), но засега каде ќе се игра и овој меч ќе зависи од комплетната ситуација, но и начинот прво како ќе се изнајде решение за септемвриските мечеви на Стариот континент. Македонската репрезентација нема меч од ноември лани, а после десет месеци пауза ја очекува набиен распоред, предизвикан од глобалната пандемија со коронавирус.