Македонија стиска палци: Дали визата за Евро 2020 ќе ја вадиме на финале во Скопје?

Македонската фудбалска репрезентација на домашен терен против Косово ќе го игра полуфиналниот бараж за пласман на Евро 2020, а денеска (12 часот) во Нион ќе дознае каде евентуално ќе треба да ја вади визата за финалето, во Скопје или на гостување во Грузија или Белорусија.

Денеска во централата на УЕФА ќе биде извршена ждрепката за тоа кој ќе биде домаќинот на најзначајниот меч за екипите што останаа во баражот, шанса каква што Македонија веројатно никогаш повеќе нема да ја има, преку најслабиот Д-сегмент во Лига на нации. Поради подобриот ранкинг на листата во Д-сегментот, Македонија автоматски доби право да биде домаќин на полуфиналето, заедно со Грузија, која бодовно беше најуспешна во оваа дивизија, а сега во европската централа ќе се влече каде би се играло финалето.

Цела Македонија денеска ќе стиска палци, да добиеме домашен меч во финалето, што би било шанса на векот за историски настап на континенталниот самит. Со два меча пред домашна публика, во Македонија ќе има невидена еуфорија, но на крај сепак сè ќе решава теренот во тие два меча закажани за 26 и 31 март идната година.

На ждрепката денеска ќе се решава кој противник ќе ѝ биде на Шкотска во Ц-дивизијата (ќе се ждребува од една од четирите селекции Бугарија, Унгарија, Израел и Романија), како и тоа кој ќе биде домаќин.

Во Б-дивизијата е веќе познато кој ќе игра - БиХ против С. Ирска и Словачка – Р. Ирска. Во А-дивизијата потоа ќе ги пополнат испразнетите места според рејтингот на тие што ќе останат и тоа на начин според ранкингот од учинокот во ланската Лига на нации. Во сите дивизии исто така ќе има ждрепка за домаќин за финалето.

Ждрепката за групите на Евро 2020 ќе биде идната сабота на 30 ноември во Букурешт, а победниците од овие четири дивизии ќе бидат во последниот, најслаб барабан за ждрепката.

Д-ДИВИЗИЈА

Грузија – Белорисија, Македонија - Косово

Ц-ДИВИЗИЈА

Шкотска – тим од барабанот (Бугарија, Израел, Унгарија или Романија), Норвешка - Србија

Б-ДИВИЗИЈА

БиХ – С. Ирска, Словачка – Р. Ирска

А-ДИВИЗИЈА

Исланд – третиот најдобар по рејтинг

најдобриот по рејтинг – вториот најдобар по рејтинг

* според пропозициите Бугарија, Израел, Унгарија и Романија се најдобрите по пласман (бодовно салдо) од екипите што не обезбедија директен настап на Евро 2020 или пласман како првопласирани во групите во Лига на нации. Прво ќе се влече противник за Шкотска, а останатите три одат во А-дивизијата. Во најсилната дивизија, најдобрата селекција по ранг ќе биде домаќин на вториот меч (Исланд е домаќин на првиот), а потоа следниот најдобар ќе се спари со втората најдобра селекција, а третиот најдобар од оваа тројка ќе им биде противник на „рибарите“.

** за сите четири дивизии ќе се влече која двојќа ќе има домашен меч во финалето.