Македонија со нови две победи може да очекува нов напредок за две места

Македонската фудбалска репрезентација денеска точно напладне ќе го има собирот за претстојните нови два меча во Лигата на нации, во атакот на црвено-жолтите кон првото место во групата Д во Д-дивизијата, кое ќе обезбеди плајоф за пласман на Евро 2020 во март за година и половина.

Македонија во изминатите повеќе од една година има константен напредок на ФИФА-листата, откако претходно заглаво до најсрамното 166-то место, па сега стигна со пласманот на 68-та позиција, што е најдобар пласман во последните осум години. И овој пласман веќе во следните десетина дена исто така може да биде поправен, а за тоа се потребни – две победи.

Според пресметките на дел од познатите страници за рејтинг, Македонија со триумф против Лихтенштајн в сабота навечер во Скопје и со победа во Ереван против Ерменија, ќе стигна до 1.353 рејтинг-поени, што би можело да ни донесе нов напредок за две позиции, колку што напредуваа црвено-жолтите и минатиот месец по двете победи со Гибралтар и со Ерменија (по 2-0) на сартот на Лигата на нации.

Во сите други комбинации, без две победи, Македонија ќе назадува од најмалку за една позиција до дури девет позиции со два порази (1.316 рејтинг-поени), што никој не ни помислува на вакво сценарио, особено против тотален аутсајдер како Лихтенштајн и посебно со фудбалери кои се во исклучителна форма (Барди, Алиоски, Николов, Адеми, Трајковски, Тричковски...).

Македонија в сабота ќе го дочека Лихтенштајн, кого во минатата година во мундијалските квалификации двапати го победивме со вкупни 7-0 (3-0 на гости, 4-0 во Струмица). Три дена по овој меч е пресметката со Ерменија, која не остави никаков впечаток на првиот дуел минатиот месец во нашиот триумф со 2-0. Две победи од овие два меча, ќе значи речиси завршена работа за обезбедување на првото место во групата, па во ноември со мечевите против Лихтенштајн на гости и со Гибралтар дома само формално ќе се завери пласманот во плејофот, но и веројатно шансата да се најдеме во четвртиот барабан за ждрепката за Евро 2020, која на 2 декември ќе се одржи во Даблин (Р. Ирска).