
Македонија со четири бода во јуни ќе „скокне“ четири места на ФИФА листата!
Овој скок е резултат на позитивниот настап во јунскиот репрезентативен прозорец, во кој освоивме четири бодови. Македонија месецов одигра две средби од квалификациите за СП 2026 – во првата ремизира против силната Белгија (1-1) во Скопје, а во втората го совлада Казахстан (1-0) среде Астана.
На врвот на светскиот фудбал нема промени – Аргентина останува лидер, следена од Франција, Англија, Бразил и Шпанија. Португалија напредуваше на шестото место, надминувајќи ја Холандија, додека Белгија се најде на осмата позиција. Хрватска забележа скок од две места и сега е деветта, а Италија го затвора Топ 10.
Во нашата квалификациска група, Белгија е највисоко рангирана – осма на светот. Велс е на 30. место, со пад од една позиција, Казахстан е 114-ти, а Лихтенштајн останува меѓу најслабите селекции во светот – на 204. место од вкупно 210 национални тимови.