Македонија по двата порази ќе назадува само една позиција на ФИФА-листата

Македонската фудбалска репрезентација после двата порази од Грузија (0-2) и Бугарија (0-1) за катастрофален пласман во Лигата на нации како третопласирана во групата, нема прескапо да го плати цехот барем на ФИФА-листата и новото рангирање, зашто ќе назадува само една позиција.

Македонија од двомечот загуби 16,69 рејтинг поени после двата порази и сега ќе има 1.358,51 поени, па августовското 64-то место со 1.375 рејтинг поени ќе го замени со 65-то место на следното рангирање. Да не падне Македонија за уште една позиција вчера ја спаси и Исланд со голот за теми во 97-та минута против Албанија (1-1), по што западниот сосед остана зад нас на само четири поени разлика, а Словенија сега нѐ прескокна и дојде до 63-та позиција.

Македонија годинава ја почна од 67-то место, а после чудото во Палермо дојде до 62-та позиција како најдобар пласман после цела една деценија, но слабиот циклус во Лигата на нации сега ни нози двапати назадување за вкупно три позциции.

На врвот на листата нема преголеми промени и најдобрите десет остануваат во најелитното друштво со само една промена, Италија ќе напредува на шестото, а Шпанија ќе падне на седмото место. Бразил е прв пред Белгија, Аргентина, Франција, Англија, Италија, Шпанија, Холандија, Португалија и Данска.

Хрватска со скок од три позиции ќе дојде ептен близу до „топ десет“ на 12-та позиција, а Србија со напредок од четири места сега ќе е 21-ва, што е најдобар пласман на северниот сосед после повеќе од една деценија.