Македонија на мегдан со Црна Гора во вториот тест меч во Анталија!
Македонија со денешниот дуел против Црна Гора ги затвора мини подготовките во Анталија. Ремито против Молдавија е минато, денеска фудбалерите на Боби Милевски имаат нов предизвик.
Селекторот сака да види подобра реализација во нападот од своите избраници. Тој најави промени во составот во однос на мечот со Молдавија.
„Нѐ очекува квалитетен противник со добри фудбалери кои настапуваат во силни тимови. Па ќе мора да го подигнеме нашешто ниво на игра, особено во завршната фаза од теренот, односно реализацијата. Ќе има промени во составот, тука сме дојдени да го провериме потенцијалот на некои играчи на различни позиции. Овие два натпревари се токму за тоа“, изјави Милевски на вчерашната прес-конференција.
Многу повеќе промени ќе има во составот на Црна Гора. Нивниот селектор Роберт Просинечки најави дека целосно ќе го промени стартниот тим од дуелот со Белорусија кој го добија. Во почетниот тим ќе остане само Јоветиќ.
„Ќе направам дури десет промени. Од мечот со Белорусија ќе остане само Јоветиќ на кого му е потребна минутажа за да влезе во ритам бидејќи ја нема во Олимпијакос“, изјави Просинечки.
Денешниот натпревар ќе биде четврти меѓусебен дуел меѓу Македонија и Црна Гора. Досега нашата репрезентација има две победи (2-1, 4-1), а еднаш сме загубиле (1-2).