Коронавирусот ќе го одложи и мечот Македонија – Косово!?

Историскиот бараж меч за пласман на Евро 2020 помеѓу Македонија и Косово закажан за 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“, можно е да не се одигра, ако епидемијата со новиот корона вирус земе сериозен замав, најавуваат официјални лица од УЕФА и ФИФА, меѓу кои и првиот човек на светската организација, Џани Инфантино.

Засега подготовките за баражите, но и пријателските мечеви во мартовскиот термин за другите селекции течат според предвидениот рок.

Но, вицепретседателот на УЕФА, Микеле Ува, објави дека европската централа сериозно го следи развојот на настаните со коронавирусот, па ако ситуацијата стане полоша – одложувањето на натпреварите би било неминовно.

„Ние моментно сме во фаза на чекање. Ја следиме ситуацијата во секоја земја поединечно, но фудбалот мора да ги следи наредбите и препораките на своите власти. Спортскиот дел ќе биде затворен, ако ситуацијата сериозно се влоши“, вели Ува.

Италија во моментов е најпогодена европска земја од коронавирусот со преку 500 заболени и 17 мртви, но вирусот кој се појави во Кина, полека почна да се шири низ Стариот континент.

Поради еден потрден случај во Македонија, викендов нема да има фудбал со публика во земјава, како што веќе втор викенд нема да има мечеви на Апенините. Во Швајцарија воопшто и нема да се игра фудбал овој период.

„Јас во овој момент не би исклучил ништо, па ни одложување на сите натпррвари“, вели Инфантино, првиот човек на ФИФА околу можноста коронавирусот да го победи фудбалот и да го сопре тркалањето на „бубамарата“.

„Се надевам дека нема да одиме во тој правец, ама не смее да ја потцениме ситуацијата и да кажеме дека – не е ништо. Но, исто така, не смее ни да претеруваме и да паничиме. Ќе ги следиме упатствата кои ги даваат надлежните органи“, додава Инфантино

УЕФА, како што објавуваат дел од медиумите, сериозно е загрижена со растот на заболените лица од коронавирусот, но цврсто стои на ставот дека Европското првенство во 2020 година ќе се одржи според предвидениот термин од 12 јуни до 12 јули. Лекарите и стручњаците предвидуваат дека со доаѓањето на топлото време практично ќе запре ширењето на епидемијата, па континенталниот шампионат ќе се одигра како што е предвидено.

„Евро 2020 ќе започне на 12 јуни во Рим. УЕФА е во постојан контакт со сите организации, релевантни власти и во моментов нема неопходност за некаква промена на термините. Засега е под контрола“, велат од УЕФА за континенталниот шампионат. 

Претходно Токио објави дека нема намера да ги откаже Летните Олимписки Игри закажани за втората половина на јули и почетокот на август, поради тоа што досега инвестирале преку 13 милијарди долари во организацијата.

Но, сето тоа зависи дали целата оваа епидемија ќе се стиши и ќе почне да опаѓа бројот на заболени во следниот период.

Од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), која брзо ја прифати препораката за натпревари без публика викендов, објавија дека ќе се чека на одлука или препорака на УЕФА, особено што историскиот полуфинален плејоф е за нецел месец.

Владата вчера препорача до 6 март да се откажат сите јавни настани, а спортските манифестации да се играат без публика. Во зависност каква ќе биде епидемиолошката слика ќе биде познато што ќе се прави од идниот викенд.

Ризиците постојат и понатаму, а воопшто нема да биде чудно ако брзото ширење на коронавирусот во најголем дел од земјите на Европа може и да ја натераат УЕФА на најрадикални мерки – да откаже сè.