Македонската фудбалска репрезентација со една нога е во плејофот за пласман на Евро 2020, откако вечерва лесно и убедливо го победија Лихтенштајн со 4-1 за да го задржат максималниот ефект и да го искористат на најдобар начин подарокот од Гибралтар и сензационалниот триумф на аматерите во Ерменија.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонија на половина од походот кон првото место кое води во плејофот за пласман на Евро 2020 во Д-дивизијта во Лига на нации има 9 бода, шест повеќе од трите репрезентации кои ни се ривали (сите имаат по три бода од три кола) и само чудо би можело да ги спречи црвено-жолтите да извисат за тоа прво место во групата Д. Македонија во вторник му гостува на главниот конкурент Ерменија во Ереван, а победа речиси сигурно би ни донело прво место во групата, па печатот на овој прв дел од патот кон континенталниот шампионат ќе треба само формално да ги запечатиме со со Лихтенштајн и Гибралтар во последните два меча идниот месец.

Нешто повеќе од половина час им требаше на избраниците на селекторот Игор Ангеловски за да постигнат три гола и практично да го решат мечот, а се почна со две асистенции на капитенот Горан Пандев за двојниот стрелец Александар Трајковски (11-та и 31-та минута), а потоа Пандев погоди во 36-та минута за убедливо водство по одбиената топка од голманот Бенџамин Бухел при шутот од слободен удар на Енис Барди од 17 метри. Една минута по третиот гол за Македонија, една грешка на одбраната ја искористи Сејхан Јилдиз за да постигне гол за Лихтенштајн.

Откако Македонија практично ја обезбеди победата, црвено-жолтите не застанаа со нападите, па постојано го притискаа преслабиот противник, кој немаше никакви шанси за да помисли да направи сензација. Езгјан Алиоски на средина од вториот дел (67-та минута) го постигна и четвртиот гол и тоа во соло акција, прво мина еден противнички фудбалер, па откако му избега топката, скокна и го натера вториот противник да згреши и повторно стигна до топката за да ја погоди мрежата. До крајот Македонија можеше до врв да ја наполни мрежата на Лихтенштајн, но Бобан Николов, Трајковски, Елиф Елмас не успеаа да го најдат патот до мрежата.

Македонија и вечерва со рутинската победа покажа дека не и е местото во најслабата дивизија во Лигата на нации, па за три дена против Ерменија од 18 часот ќе треба да ја потврди доминацијата во оваа група во новоформираното натпреварување.