Македонија чека противници за Лига на нации – можен „балкански котел“ со Бугарија и Косово!

Македонската фудбалска репрезентација денеска (18 часот) ќе ги дознае ривалите за третата сезона во Лигата на нациите, на ждрепката за Ц-дивизијата, во која црвено-жолтите влегуваат од вториот барабан.

Македонија која во март ја чекаат мундијалските баражи и гостувањето во Палермо кај европскиот првак Италија, ги чека противниците за третата сезона во Лигата на нации која ќе се игра во два термини со четири меча во јуни и два во септември, а иако денеска ќе дознае со кого сѐ ќе се падне во група, допрва УЕФА ќе треба да се изјасни каков ќе биде патот преку ова натпреварување за пласман на Европското првенство во 2024 година во Германија.

Македонија преку Лигата на нации и првата сезона во Д-дивизијата успеа да дојде до плејофот и потоа низ баражите да обезбеди деби учество на континенталниот шампионат, на кој играше летово, а во втората сезона не успеавме да обезбедиме прво место и останавме во Ц-дивизијата во која сега ќе играме повторно, но овојпат нѐ чекаат нешто потешки ривали во однос на минатиот циклус.

Како втори носители на ждрепката, Македонија од носителите може да го добие соседот Бугарија, потоа Турција, која е на истиот „фајнлфор“ за мундијалскиот бараж како и нашата селекција (играат со Португалија во второто полуфинале), а и секогаш тешката Словачка и незгодната Северна Ирска, која минатиот месец успеа да ја спречи Италија директно да оди на СП во Катар догодина.

Црвено-жолтите не може да добијат ривал од барабанот во кој се наоѓаат, а покрај нас се уште и Грција, Белорусија и Луксембург, додека во третиот барабан се Литванија, Азербејџан., но и Грузија и Косово, двата ривали преку кои отидовме на Еуро 2020 и кои ќе имаат дополнителни мотиви да ни се реваншираат за поразот во тие баражи во октомври и ноември минатата година.

Од последниот барабан се Фарски Острови и Гибралтар, како и победниците од плејаутот од втората сезона Казахстан-Молдавија односно Кипар – Естонија, кои во март догодина ќе играат и ќе решаваат кој ќе испадне во Д-дивизијата.

Според ова што се нуди, Македонија тешко дека може да добие некоја прелесна група, а може да добие „пеколна политичка група“ со Бугарија и Косово, плус можноста и евентуално Кипар да биде во нашата група, чија јавност се „ежи“ на секое споменување на Македонија, макар и со новата реалност со додавката во името.

Во ваква група политиката ќе биде во преден план и ќе го потисне фудбалот, зашто со источниот сосед ќе играме во ек на затегнатите односи околу добрососедските односи и ветото од Софија за почеток на преговори со Европската унија, додека мечот со Косово ќе биде проблематичен поради меѓуетничките односи, кои не беа на тест лани поради пандемијата со корона-вирус и играњето пред празни трибини. Кипарците може само да ја го зачинат овој „врел котел“

Литванија или Азербејџан е „полесна“ опција од третиот барабан, а Фарските Острови „потенцијална мина“ од четвртиот, зашто фараните знаат со цврста одбрана да направат проблеми, додека според формата Бугарија или Северна Ирска би биле попосакувани ривали одошто Словачка и посебно Турција.

НАЈПОСАКУВАНА ГРУПА

С. Ирска/Бугарија, МАКЕДОНИЈА, Литванија/Азербејџан, Гибралтар

„ПОЛИТИЧКА“ ГРУПА

Бугарија, МАКЕДОНИЈА, Косово, Кипар/Естонија

НАЈТЕШКА ГРУПА

Турција, МАКЕДОНИЈА, Косово/Грузија, Фарски Острови