
Македонецот ја менува средината: Валенсија го стави Димитриевски на трансфер-листа!
Одлуката е на новиот тренер Карлос Корберан, кој не го гледа Димитриевски како дел од својот тим за наредната сезона. Очекувањата беа дека Македонецот ќе биде прв избор на голманската позиција по заминувањето на Мамардашвили во Ливерпул, но ситуацијата драстично се смени. Англискиот клуб дозволи грузискиот чувар да остане уште една сезона на „Месталја“, што ги искомпликува плановите на нашиот голман. Дополнително, Валенсија веќе договори едногодишна позајмица со Атлетик Билбао за Хулен Агирезабала, кој ќе добие шанса како стартер. Тренерот Корберан, пак, планира да го врати и Кристијан Риверо како втор голман.
Димитриевски пристигна во Валенсија минатото лето од Рајо Валјекано без отштета и има договор до јуни 2026 година. Со оглед на околностите, клубот сега гледа можност да профитира од негова продажба. Според шпанските медиуми, Македонецот и понатаму ужива голема почит во шпанскиот фудбалски круг, па не се очекува да има проблем да најде нова средина во која ќе добие поголема минутажа.