Македонците по стапките на Александар Македонски - кон ново освојување на светот!

Македонските фудбалери добија пеколно тежок противник во полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар, но и покрај тоа никој не ја отпишува премногу лесно македонската репрезентација, која покажа неколку пати дека знае да изненади, а тоа најдобро го почуствува Германија (1-2) во квалификациите во Дуизбург.

Италијанците не нѐ потценуваат воопшто, а и самиот селектор на европскиот првак, Роберто Манчини кажа дека Македонија е добар тим и ова е многу тешка ждрепка за нив, додека на порталот на познатиот италијански новинар Џанлуиџи Ди Марцио беше објавен текст во кој беше опишана македонската репрезентација.

Во текстот на популарниот сајт се споменуваат најпознатите македонски репрезентативци, како и поранешниот капитен на Македонија, Горан Пандев, кој остави голема трага во италијанскиот фудбал, но посебно внимание привлекува делот каде што се потсетија дека пред четири години одигравме 1-1 во Торино, а македонските херои ги споредуваат со нашиот најпознат предок - Александар Македонски.

„Македонците бараат нов подвиг, па така по стапките на нивниот најпознат предок, Александар Македонски, тие ќе се обидат да го освојат светот - Катар 2022“, пишува во текстот.