Крстајиќ со петка дебитираше на клупата на Бугарија пред доаѓањето во Скопје

Српската легенда Младен Крстајиќ кој е нов селектор на Бугарија вечерва со петка дебитираше на клупата на источниот сосед, откако Бугарите со 5-1 го сомлеа Гибралтар за прва победа во нашата група, па сега понеделничкото дерби на Арената „Тодор Проески“ ќе решава кој ќе биде втор во групата.

Пет различни стрелци на Бугарија ѝ ја донесоа победата со која сега под палката на новиот селектор, источните соседи најавија нов лист по мизерните неколку години во европскиот фудбал, иако пола час се тресеа дека може повторно да се посрамат откако Чиполина три минути по водството преку Антов израмни на 1-1.

Кирил Десподов, најдобриот бугарски фудбалер донесе ново водство на десет минути пред крајот, а во вториот дел Бугарите ги разнесоа Гибралтарците, па за три минути во првите десет од вториот дел го решија победникот со головите на Кирилов и Стефанов, за на крај Петков девет минути пред последниот судиски свиреж да стави печат на триумфот.

Бугарија има шест бода, еден зад Македонија пред гостувањето во Скопје, додека Грузија веќе обезбеди Лига Б. Гибралтар, пак, оди во плејаут за опстанок во оваа дивизија.