Косово остана и без капитенот: Рахмани позитивен на ковид-19!

Селекцијата на Косово остана и без својот капитен Амир Рахмани, соиграчот на македонскиот бисер Елиф Елмас, откако и Косовецот денеска е позитивен на коронавирус, како што пред неколку дена позитивен на тест беше и младиот македонски фудбалер.

Само еден час откако Фудбалската федерација на Косово (ФФК) објави дека првиот напаѓач Ведат Муричи отпаѓа од списокот, а претходно од истиот отпаднаа и првата ѕвезда Милот Рашица, како и Идриз Воца и Хекуран Криезиу, сега нов шок за нашиот противник два дена пред историскиот меч со Скопје во полуфиналниот бараж.

Рахмани беше во изолација во Наполи, откако прво Пјотр Зиелински, а потоа и Елмас закачија коронавирус, па сега и косовскиот дефанзивец го има новиот вирус и ќе мора да си седи во изолација, што значи дека е петти фудбалер што нема да игра во Скопје.

Косово со ова остана без буквално рбетот на селекцијата, Рахмани е капитен и клучен играч во одбраната, Рашица е играчот околку кого сè се врти во изградбата на нападите, а Муричи е првиот стрелец на тимот.