Иако Македонија ја очекува пресметка со 100 позиции послаб противник во аутсајдерот Лихтенштај во сабота навечер во првата од двете пресметки месецов во групата Д во Д-дивизијата во Лигата на нации, фудбалерите максимално ангажирано и мотивирано тргнаа со подготовката за да ја запишат третата победа во циклусот во новоформираното натпреварување.

Фактот дека Македонија е голем фаворит нема никакво значење кај избраниците на селекторот Игор Ангеловски, па оттаму ниту некакво опуштање. Денеска на првиот тренер комплетирани, но без вториот голман Давид Митов Нилсон го одработија тренингот и уште на почеток на подготовките покажаа максимална сериозност, борбеност и голема желба.

Митов Нилсон има повреда на грбот, па денеска не тренираше и по магнетната резонанца треба да биде констатирано каква повреда има голманот на шведски Норкопинг. Од друга страна, комплетниот тим кој треба да ја обезбеди третата победа со голем жар го одработи тренингот, а силната конкуренција во тимот за секое место, практично донесе борба за секоја топка.

Македонија секој ден до мечот ќе тренира во претпладневен термин, а в сабота ќе го одигра мечот со Лихтенштајн, кој минатата година во два меча го победија црвено-жолтите со вкупни 7-0 (3-0 на гости, 4-0 дома).