Израел ич не е наивен: Захави и Дабур ја смачкаа фаворизираната Австрија (ВИДЕО)

Иако пред година ипол го победивме Израел на гости со гол на Горан Пандев и магична асистенција на Елиф Елмас во мундијалските квалификации, многумина помислија дека Израелците се добар противник за нас, ама очигледно е дека ич не се наивни, откако вечерва во ова второ коло во евроквалификациите го смачкаа вториот фаворит во групата Австрија со 4-2.

Ништо такво не навестуваше по осум минути игра кога Марко Арнаутовиќ им донесе водство на Австријците, но после пола час игра во Хаифа, на сцена стапи Еран Захави, фудбалерот на кинески Гвангжу РФ, а екс-играч на Палермо, па за 11 минути до полувремето го сврте мечот во корист на Израелците, а додаде уште еден за хет-трик десет минути во вториот дел. За уште поубедлив триумф се погрижи ѕвездата на Ред Бул Салцбург, Мунас Дабур, кој погоди во 65-та минута за да ја запечати победата. Арнаутовиќ на 15 минути до крајот постигна и втор гол за Австрија, ама сето тоа беше залудно сооглед на големата предност што Израелците дотогаш ја направија.

Захави веќе стигна до четвири гола во овие квалификаци, откако постигна еден и во ремито со Словенија 1-1 пред три дена, па нема сомнение дека тандемот со Дабур на Израелците им е основата за нивната авантура да стигнат до настап на Евро 2020, а и најголема опасност за Македонија од септември, кога ќе треба двапати да се соочиме.

За Австрија ова е втор пораз по ред, откако Австријците го загубија и дербито со Полска со 0-1 пред три дена, па практично тие уште на стартот се наоѓаат во многу голем проблем во трката за место на Евро 2020 и пред нив е „ѓаволски тешка“ задача за да стигнат до првите две места во групата, особено по два воведни порази на стартот на овие квалификации.