Италија посилна за Бразилец за плејофот со Македонија во битка за СП

Актуелниот европски првак Италија ќе биде посилна за Бразилецот, Жоао Педро во мартовскиот плејоф полуфинален меч во мундијалските баражи за пласман на Светското првенство во Катар против Македонија на 24 март, откако фудбалерот на Калјари и официјално доби „зелено светло“ од ФИФА да го смени спортскиот пасош.

Жоао Педро ќе биде четвртиот Бразилец во селекцијата на „аѕурите“, кои досега ги натурализираа Жоргињо, Емерсон Палмери и Рафаел Толои, а конечно ФИФА му даде зелено светло за настапи за италијанската репрезентација, зашто тој имаше настапи за младинските селекции на Бразил во минатото.

Фудбалерот на Калјари уште од 2014 година има италијански пасош, но дури сега откако Роберто Манчини посака да го има во националниот дрес, поминати се официјално сите бирократски формалности за светската организација да го смени спортскиот пасош.

Македонија гостува во Палермо на 24 март кај Италија во полуфиналниот меч од плејоф-групата, а победникот на 29 март ќе гостува во Португалија или Турција во завршната битка за пласман на Мундијалот годинава, кој ќе се игра од 21 ноември до 18 декември.