„Имаме квалитет и одлична енергија, сакаме да ја продолжиме позитивната серија“

Младата македонска репрезентација задутре ќе ја има првата од трите контролки во овој мартовски термин против Летонија, како една од завршните подготовки на новата генерација која има високи амбиции да игра и на Европското првенство 2025 година во Словачка.

Новата надежна генерација на Драги Канатларовски – Цапар од јуни лани почна да се подготвува, па во шест меча нема пораз и сега со нови три теста сака продолжување на серијата, изградба на победнички менталитет, кој од септември во квалификациите треба да донесе многу подобри резултати во однос на просечниот претходен циклус.

Еден од најталентираните во оваа генерација е вардаровото дете Андреј Стојчевски, кој сега игра и има пртовимски статус во словачка Жилина, па тој посочува дека има хемија во соблекувалната, а тимот има квалитет за големи нешта.

„Сите сме презадоволни од условите за тренинг во Белек (Анталија), работиме напорно и имаме одлични подготовки. Имаме одлична енергија и атмосфера во селекцијата, поголем дел од играчите веќе неколку години сме заедно, одлично се познаваме, функционираме како семејство и сите добро ја знаеме вредноста на националниот дрес. Спремни сме на голема борба и пожртвуваност, сѐ со цел да се постигнат одлични резултати“, вели Стојчевски.

Летонија е прв противник на „Анталија Куп 2023“, а потоа следат пресметки и со Финска на 25 март, а последниот меч е со Словачка на 28 март.

„Првата контролка е против незгодната селекција на Летонија, но како и на секој меч, така и на овој одиме на победа. Сигурен сум дека секој од нас ќе го даде максимумот и верувам дека ќе успееме за издвојуваме победа, за да ја продолжиме позитивната серија на резултати. Квалификациите ги почнуваме во септември, имаме доволно време за што подобро да се подготвиме за првиот меч со Шведска. Победничкиот менталитет кој мора да биде присутен кај сите нас ќе одигра клучна улога во квалификациите. Имаме голем квалитет и верувам дека ќе го покажеме во новиот циклус што нѐ чека“, додаде Стојчевски.